Американскиот државен секретар за финансии Џенет Јелен апелираше до Кина да помогне да се стави крај на руската војна во Украина и предупреди на какви било обиди за поткопување на санкциите против Русија.
Во нејзиниот денешен говор во Вашингтон пред Атлантскиот совет- американска тинк-тенк организација, таа рече дека се надева дека Кина ќе направи нешто позитивно надвор од досегашната потврдената „специјална врска“ со Русија, за да помогне да се стави крај на војната. Таа додаде дека и позицијата на Пекинг во однос на светот ќе страда, ако не го стори тоа.
„Ставот на светот кон Кина и нејзината подготвеност да прифати понатамошна економска интеграција може да биде под влијание на реакцијата на Кина на нашиот повик за решителна акција кон Русија“, изјави Јелен.
Таа додаде дека администрацијата на Бајден е решителна во својата посветеност да ја повика Русија одговорна за нејзиното, како што вели, „ужасно однесување“ и нејзиното кршење на меѓународното право, предупредувајќи дека оние кои се обидуваат да ги поткопаат западните санкции ќе се соочат со последици.
„Сè додека рускиот претседател Владимир Путин не ја заврши својата „гнасна војна “, администрацијата на Бајден ќе работи со своите партнери за да ја турне Русија понатаму кон економска, финансиска и стратешка изолација“, вели Јелен.
Овој говор на Јелен доаѓа во време кога Вашингтон и неговите сојузници се обидуваат да извршат притисок врз Индија, Кина и другите земји да заземат јасен став спротивставувајќи се на Русија.
Претседателот Џо Бајден неодамна ја предупреди Индија, која не воведе санкции кон Москва, дека купувањето повеќе нафта од Русија не е во интерес на Индија и може да го попречи одговорот на САД на војната во Украина.
Американскиот министер за финансии, исто така, призна дека војната ги зголемила цените на храната, енергијата и некои метали нагло, поттикнувајќи ги инфлаторните притисоци.
Руската инвазија на Украина и начинот на кој светските сили треба да управуваат со нејзиното економско влијание се очекува да заземат централно место во разговорите следната недела кога министрите за финансии и гувернерите на централните банки ќе се состанат во Вашингтон на пролетните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Групацијата Светска банка.