Хелсинки се движи кон одлука за аплицирање за членство во НАТО „во рок од неколку недели“, изјави денеска финскиот премиер Сана Марин. Шведската колешка на Марин, Магдалена Андерсон, исто така, сигнализираше голема промена на политиката за нејзината нордиска нација како резултат на руската инвазија на Украина.
„Мислам дека ќе се случи тоа многу брзо. За неколку недели, не за неколку месеци“ изјави Марин на прес конференцијата.
Андерсон на заедничката прес-конференција изјави дека за тоа и за актуелната безбедносна ситуација ќе се разговара во Собранието по извештаите во медиумите дека Стокхолм сака да се приклучи на западниот безбедносен сојуз. Андерсон рече дека проценката за безбедносните потреби на Шведска ќе биде „темелна, но брза“.
Приклучувањето на едната или двете земји во НАТО би било тектонска промена за безбедноста на Европа и показател за тоа колку многу европски нации се потресени од руската инвазија.
Шведска и Финска се воено неутрални земји, иако често соработуваа или одржуваа заеднички вежби со НАТО во изминатиот период.
„Европската безбедносна архитектура фундаментално се промени како резултат на руската инвазија на Украина“, им рече Марин на новинарите на прес-конференција.
Претходно, шведските медиуми објавија дека Андерсон и нејзините политички сојузници формално ќе побараат членство во НАТО во јуни, на следниот самит на Алијансата.
Двете земји се членки на Европската унија, а Финска дели 1.340 километри граница со Русија. Се очекува до крајот на неделава во Финска пратениците да дебатираат за објавувањето на извештајот за членство во НАТО.
Секоја кандидатура за членство мора да биде прифатена од сите 30 членки на НАТО, процес кој може да потрае од четири месеци до една година за да се заврши.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, предупреди дека Русија ќе преземе мерки за „ребалансирање на ситуацијата“ во случај Финска да се приклучи на Алијансата.