Македонскиот премиер Димитар Ковачевски по кратко задржување на скопската Инфективна клиника е пуштен во добра здравствена состојба и утре се враќа на работа, информираше денеска на прес конференција владиниот портпарол Душко Арсовски. Ковачевски во неделата вечер бил примен на клиниката со симптоми на труење со храна.
„ Премиерот Ковачевски со болки во стомакот, од веројатно труење од храна, беше примен на Инфективната клиника во Скопје, каде што му беше пружена целосна нега и бидејќи состојбата му се подобри вечерта, зборуваме неделата кон понеделник, е задржан заради опсервација, а утредента е пуштен во сосема добра здравствена состојба“, одговори Арсовски на новинарско прашање.
Тој нагласи дека на сите настани каде што присуствуваат високи функционери, па така и на Економскиот форум во Делфи, се преземаат мерки и активности за проверка на исправноста и безбедноста на храната и пијалоците кои што се консумираат.
„Премиерот ниту јадел, ниту се движел надвор од протоколите во овој период“, рече Арсовски.
Тој додаде дека сите околности за овој случај се испитуваат и во наредните денови ќе има повеќе детали. Арсовски вели дека во моментов има информации дека и шефот на Кабинетот на премиерот имал полесни симптоми и е во добра здравствена состојба.
„Во однос на храната и пијалоците кои што ги консумираат личностите под заштита, претходно според закон се преземаат мерки и активности за проверка на нивмната исправност во однос на безбедноста и евентуалните ограничувања во поглед на исхраната која би ја имала конкретната личност. Овие мерки се преземаат континуирано и секојдневно, иако во одредени ситуации можеби не може однапред да се предвидат таквите ситуации. Не е исклучена можноста да се консумира храна или пијалок која не подложела на соодветна проверка согласно практичните процедури на постапување“, рече Арсовски.