Домашните компании кои произведуваат масло за јадење имаат залихи за месец до месец и половина, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Тој уверува дека масло за јадење ќе има во доволни количини за да се преброди кризниот период со дополнителните количини и мерката за отстранување на увозните давачки за сончогледовото. Во меѓувреме се бараат алтернативни извори на суровини.
„Секојдневно преземаме мерки. Комуницираме со компаниите кои го рафинираат и произведуваат маслото за јадење во нашата држава. Нивните залихи се доволно за месец до месец и половина и сметаме дека со дополнителните количини и вчерашната мерка ќе имаме доволно за да го пребродиме целиот овој период што претстои додека се најдат алтернативни извори на суровини кои заради кризата во Украина и Русија ги снема. Сметам дека се што е во наш домен да осигураме дека ќе го има производот, го правиме“, изјави Битиќи.
Битиќи не очекува значително големи ценовни шокови во однос на цената на маслото за јадење, додавајќи дека се можни „мали нијанси“.
„Моите очекувања се дека не би требало да претрпат значително големи шокови. Мали нијанси на зголемување може да се очекуваат затоа што сепак тоа се производи кои не се произведуваат кај нас и доаѓаат со одредена цена однадвор. Таму малку можеме да придонесеме како Влада“, изјави вицепремиерот.
Владата на денешната седница донесе одлука со која се укинува царината на увоз на масло од сончоглед за јадење, како дополнителен стимул за одржувањето на снабдувањето со масло од сончоглед на домашниот пазар, соопшти владината прес служба.
За амортизирање на ценовните шокови предизвикани од пандемијата и воениот конфликт во Украина, издвоени се речиси 615 милиони евра, соопшти вчера Владата.
Оваа година, поради рускиот напад врз Украина, цената на житата и на сончогледот се драстично зголемени. Со оглед на тоа што Русија и Украина се најголеми извозници на пченица и сончоглед, постои страв од недостиг во целиот свет.