Грција го укинува вакциналниот сертификат и тестовите за влез во сите простории, но правилата за патување во земјата засега остануваат исти.
Грчкиот министер за здравство претпладнево ги соопшти одлуките на Владата за олабавување на мерките, меѓу кои, освен укинувањето на сертификатот, се укинува и задолжителната маска на затворено од 1 јуни.
„Од 1 мај до 31 август се укинува сертификатот за вакцинација и прележана болест за влез во сите простори, затворени и отворени. Тоа значи дека и онаму каде што беше задолжително тестирање, нема да биде потребно да се спроведува. Мерката, одново ќе се разгледа на 1 септември“, изјави министерот за здравство, Танос Плеврис.
Во следниот период ќе се разгледа и укинувањето на задолжителното покажување на европскиот сертификат за влез во земјата, за што властите дополнително ќе ги соопштат одлуките.
Во меѓувреме за влез во Грција остануваат во сила актуелните правила што значи и понатаму ќе биде задолжителен документ за Ковид-19, односно сертификат за вакцинација, валиден девет месеци по втората доза и без ограничувања за примена бустер доза, потврда за прележан Ковид-19 до 180 дена по првиот позитивен тест или негативен резултат од ПЦР/рапид тест.
За време на Велигденските празници, нема никакви промени на мерките што важат сега, а според министерот Плеврис, по две години пауза сите религиозни настани ќе се одржат регуларно, со почитување на здравствените протоколи.