Ковачевски - Русија има интерес од замрзнати конфликти на Балканот

Премиерот Димитар Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски, во интервју за австрискиот дневен весник „Ди Пресе“, порача дека во време на воената агресија на Русија кон Украина, членството во НАТО е од огромно значење за Македонија, особено за нејзината економија.

„Неиспровоцираниот напад на Русија врз Украина докажува дека членството во најголемиот светски одбранбен сојуз НАТО, е од огромно значење за секоја членка. Ние сме мала земја. Нашата безбедност ја гарантираат сите членки на НАТО, што има многу позитивни последици за нашето општество – исто така и за нашата економија. Затоа што странските инвеститори, особено оние од инфраструктурниот сектор, знаат дека се во безбедна земја, заштитена од НАТО“, вели премиерот Ковачевски.

Ковачевски, како што информираат од владината прес-служба, за австрискиот весник се осврнува и на континуираниот геостратешки интерес на Русија за Балканот.

„Западен Балкан отсекогаш бил од интерес за Русија. Нејзиното влијание преку медиумите, вклучително и преку некои политички партии, беше секогаш присутно. Русија има интерес од замрзнати конфликти на Балканот, кои им оневозможуваат на земјите да го изодат својот пат кон евроатлантските интеграции“, дополнува претседателот на Владата за австрискиот медиум.

Бугарија го блокира македонските евроинтеграции со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја, и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Бугарскиот премиер Кирил Петков пред десетина дена рече дека руски шпиони во бугарските безбедносни служби работеле против добрососедските односи на Бугарија со Македонија, а министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека и во Македонија има структури кои се „на иста линија“ со тие во Бугарија кои ги коментираше Петков.