Русија соопшти дека над 1000 украински маринци се предале во Мариупол, нема потврда од Украина

Жители на разурнатиот Мариупол

Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека 1026 украински војници од 36-тата поморска бригада го положиле оружјето и се предале во Мариупол.

Ако оваа информација биде потврдена, тоа ќе биде голем удар за украинските напори да ја задржат контролата врз овој пристанишен град на Азовското Море, каде што со денови се водат жестоки улични борби откако Русија го започна нападот врз Украина на 24 февруари.

Руската државна телевизија Росија 24 објави видеоснимка од војници кои маршираат со кренати раце, за кои вели дека се украински маринци кои се предале. Слични видеоснимки кружат по социјалните мрежи, а ги објавуваат блогери блиски до Кремљ. Не може независно да се потврди автентичноста на снимките.

Кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски засега не даде коментар, а нема информации ни од украинското Министерство за одбрана. Портпаролот на Министерството за Ројтерс рекол дека засега нема информации дали овие извештаи се точни.

Вадим Денисенко, помошник на украинскиот министер за внатрешни работи, за „Сегашно време“ ги отфрли руските тврдења и рече дека не се потврдени од украинската војска.

Советникот на Зеленски, Олексеј Арестович, објави контрадикторна изјава на Фејсбук, тврдејќи дека 36-тата поморска бригада ги пробила линиите на борба и им се придружила на единиците на Азовскиот баталјон, друга воена единица која го брани градот.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека предавањето се случило во фабриката за железо и челик Илијч и дека на 151 ранети војници им била укажана помош на лице места, а потоа биле пренесени во болницата во Мариупол.

Претходно денеска, чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, чии војници учествуваа во рускиот напад врз Мариупол, исто така рече дека над 1000 украински маринци се предале.