Се чини дека Атињаните постепено се „ослободуваат“ од своите возила, не поради зајакнувањето на еколошката свест, туку поради неподносливата цена на горивата, пишува весникот „Катимерини“, објавувајќи податоци дека жителите на грчката метропола сè повеќе го користат јавниот превоз.
Бројот на патници во јавниот превоз, според весникот, веќе ги достигнува нивоата од 2019 година, односно периодот пред пандемијата, а зголемувањето особено е изразено кај градските автобуси и достигнува седум отсто споредено со три години претходно, пренесува МИА.
Во првиот квартал од годината, како што пишува „Катимерини“, валидацијата на билетите е зголемена за 39 отсто во сите превозни средства, а во просек зголемувањето е за 44 проценти во однос на истиот период од 2021 година.
Бројот на граѓани што избираат да користат автобуси, тролејбуси, метро или трамвај, од јануари годинава постепено се зголемувал, заклучно со минатиот месец, според официјалните податоци од Организацијата за јавен транспорт од Атина, што ги пренесува весникот.
Само во март има за 124,5 отсто зголемување на валидацијата на билетите, во споредба со истиот период лани, иако првите месеци од 2021 година, Грција беше во карантин.