Договорот од Преспа вредеше и допрва ќе се покаже дека вреди и го претвори проблемот во решение, конфликтот во соработка и непријателството во сојузништво, вели поранешниот премиер Зоран Заев во интервју за грчкиот информативен портал „Ајидисис“, пренесува МИА.
Заев ќе учествува на третиот Конгрес на грчката опозициска партија СИРИЗА што ќе се одржи од 14 до 17 април.
Тој вели дека „има точки каде се соработува и напредува многу брзо, има и точки каде соработката е со умерено темпо“, истакнувајќи дека сепак, напредокот е очигледен и нема застој, нема назадување.
На прашањето за Договорот од Преспа, одговара со неколку прашања, „дали пред 2018 година бевме соседи кои не се слушаат, кои не комуницираат и кои имаат непријателски однос едни кон други?“, но и „дали сега сме соседи кои се заедно во НАТО, кои се поддржуваат и штитат меѓу себе, дали компаниите од двете земји соработуваат повеќе од претходно“, како и „дали конечно Грција нема проблем со тоа што ние сме Македонци од Северна Македонија?“
„Ве повикувам Вам, но и сите кои ќе го прочитаат ова интервју, ставете ја десната рака на вашето срце и одговорете си ги овие прашања, онака како што јас го правам тоа во овој момент. Јас велам: вредеше. И велам дека допрва ќе вреди“, истакнува Заев.
Заев и поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас во 2018 година го потпишаа Преспанскиот договор со кој Македонија го смени името во Северна Македонија, а Грција ја тргна блокадата за членство на земјава во НАТО.