Кристијан Шмит, високиот претставник на Меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, го поништи обидот на властите на ентитетот на Република Српска за пренос на државниот имот.
Шмит го укина Указот на претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ, за прогласување на Законот за недвижен имот што се користи за функционирање на јавните власти.
На тој начин тој го укина Законот за недвижен имот во Република Српска, со што за прв пат ги искористи Бонските овластувања. Тие предвидуваат дека Канцеларијата на високиот претставник може да наметнува или менува закони, да отстранува избрани и именувани политички и други функционери.
„Само државата БиХ може да располага со државниот имот“, изјави Кристијан Шмит.
- Џаферовиќ ги повика земјите од ЕУ да воведат санкции против Додик и Цвијановиќ
- БиХ бара брз почеток на преговорите за членство во ЕУ
Секој што нема да ја почитува одлуката на високиот претставник ќе стори кривично дело и може да биде казнет за тоа. Ова произлегува од одлуката на Шмит, која ја донел истовремено со онаа за примена на овластувањата од Бон, да наметне измени на Кривичниот законик.
„Одлуките што ги донесов денеска на никаков начин не го намалуваат статусот на ентитетот на Република Српска“, им порача Шмит на граѓаните на Република Српска.
Законот за недвижен имот беше објавен во Службен весник на Република Српска на 5 април, а беше усвоен на седницата на Собранието на Република Српска на 10 февруари.
Законот за недвижен имот, усвоен од собранието на ентитетот во февруари, предвидува недвижниот имот во сопственост на државата Босна и Херцеговина (БиХ) да се претвори во имот на Република Српска.
Според овој закон, недвижностите што ги користат субјектите, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, јавните установи и другите јавни служби основани од РС, односно единиците на локалната самоуправа, треба да бидат регистрирани во РС.