Грција ги интензивира истражувањата за природен гас на шест локации

Илустрација

Денеска најавуваме забрзување на истражувањата за природен гас, за кој знаеме дека нашата земја можно е, нагласувам, не сме сигурни, но можно е да го има во значителни количини врз основа на прелиминарните студии, како на копно, така и во море, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на состанокот во грчката Компанија за управување со јаглеводород.

Истражувањата ќе се спроведат во шест делови на Грција, од кои пет се во море, а еден дел е на копно, а Мицотакис истакна дека постојат знаци што влеваат умерен оптимизам, но резултатите од истражувањата, следната година ќе покажат дали постојат резерви.

„Мораме како земја со сигурност да знаеме дали има резерви на гас кои се економски исплатливи. Ова сигурно ќе го знаеме на крајот на 2023 година и потоа ќе донесеме одлуки за тоа што ќе правиме понатаму“, рече Мицотакис.

Тој рече дека постепеното ослободување од зависноста од рускиот природен гас значи и зголемување на снабдувањето од алтернативни извори преку LNG и други гасоводи, но и зголемување на капацитетите за складирање на течниот природен гас.

Истражувањата за природен гас во Грција ќе се водат на шест локации: на копно во областа Епир, две се во Јонското Море, две западно и јужно од Крит и една во морскиот дел во близина на Пелопонез.