Односите меѓу Македонија и Црна Гора се одлични, а унапредувањето на економските врски треба да биде врвен приоритет, се согласија на заедничката прес-конференција во Подгорица претседателот Стево Пендаровски и неговиот домаќин црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.
Пендаровски, кој е во прва официјална посета на Црна Гора, информира дека разговарале и за актуелните состојби во регионот и се согласиле дека во светло на војната во Украина, тие добиваат поинаква динамика, јави известувачот на МИА.
„Денес, кога сведочиме на ужасните злосторства предизвикани од руската инвазија на Украина, сметаме дека тоа треба да значи и пресвртница во односите помеѓу ЕУ и регионот. Европските интеграции се процес кој овозможува длабинска трансформација и реформи во насока на демократизација на општествата и не случајно Европската Унија е стратешка цел и на Северна Македонија и на Црна Гора. Особено ја цениме принципиелната позиција на Црна Гора за наметнатите пречки на нашиот европски пат, препознавајќи го ризикот за сите нас од внесување на билатерални прашања во европската агенда“, истакна Пендаровски.
Шефот на државата нагласи дека нашите преговори за членство се тест за кредибилитетот на Европската унија.
„Потребни се стратешки одлуки веднаш, во спротивно трендовите на опаѓање на граѓанската поддршка за интеграциите кои се видливи ќе стануваат се посилни“, нагласи Пендаровски.
Во контекст на економската соработка, Пендаровски рече дека пандемијата неспорно ги оптовари нашите стопанства, а војната во Украина покажа дека без оглед на фактот што воените дејствија се одвиваат на илјадници километри далеку од нашиот регион, меѓузависноста од светските пазари на енергенси и на основни животни продукти драстично влијае и врз нашите економии.
Ѓукановиќ изрази жалење што денес Македонија се соочува со друга опструкција на патот кон Европската унија.
„Се надевам дека неодамнешните избори во Бугарија сепак отворија една перспектива за договор и отворање јасна и догледна перспектива за Северна Македонија. Црна Гора секогаш отворено се залага првиот чекор во интензивирањето на европската агенда на Западен Балкан да биде без одложување почеток на преговорите со Северна Македонија и со Албанија. Веруваме дека тоа може да се случи веќе за време на француското претседателство со ЕУ и Црна Гора смета тоа ќе биде голем придонес за вкупната европска перспектива на Западниот Балкан“, нагласи Ѓукановиќ.
Според него, за регионот каков што е Западен Балкан исклучително е важен поттикот што треба да дојде од Брисел од другите важни европски политички центри.