Премиерот Димитар Ковачевски ќе има 12 надворешни советници. Тие, како што соопштува владината прес-служба, се реномирани универзитетски професори и долгогодишни експерти докажани по својата стручност.
„Со одлука на Влада, значително е намален бројот на лица кои го советуваат премиерот Ковачевски. Наместо претходниот тим од над 50, сегашниот тим се состои од само 12 надворешни советници. Меѓу нив се професори од Економскиот факултет, Правниот факултет, Факултетот за електротехника и информатика, поранешни пратеници, но и заменици-министри“, соопштија од Владата.
Меѓу советниците има и странци.
- До вчера беа режим, денес владини советници „за татковината со љубов“
- Премиерски советници за сè и сешто
Функцијата надворешен советник за зајакнување на капацитетот на економскиот тим ќе ја врши Јоханес Хајдекер од Германија, кој претходно работел на повеќе менаџерски позиции во приватниот сектор.
Надворешен советник за економија ќе биде професорот Предраг Трпески, од Економскиот факултет кој е експерт за пазарот на трудот, а во минатото бил дел и од извршната власт.
Професор Ванчо Узунов од Правниот факултет е назначен за надворешен советник за Берлински процес.
За политиките од областа на енергетиката надворешен советник е Антон Чаушевски, професор од Факултетот за електротехнички и информатички технологии.
Банкарот Глигор Бишев е надворешен советник за рационализација и оптимизација на процеси.
Нина Фити-Неделковска, претставничка од Светска банка ќе ја врши функцијата надворешен советник за финансии.
Дополнително на листата на советници се поранешниот пратеник Исмет Рамадани, кој е надворешен советник за евроатлански вредности и Драган Василевски за одбрана.
Надворешна советничка за здравство е доцент д-р Ана Данева-Маркова од Универзитетската клиника „Мајка Тереза“ во Скопје.
Спасе Додевски е надворешен советник за образование и социјала. Додевски и во претходниот мандат на Владата беше вклучен во креирањето на политики поврзани со социјала и инклузија, а Симона Ристеска е советник за даночна политика.
Маја Ангеловска е надворешна советничка за дигитализација.