Продолжува намалувањето на бројот на заразени, хоспитализирани и починати од ковид-19, покажува неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 4 до 10 април 2022 година.
Во изминатата недела биле направени 14.434 тестирања, при што биле регистрирани 1.106 нови позитивни случаи. Тоа е намалување од 31 отсто во однос на претходната недела. Процентот на позитивност се движи од 2,4% до 10,6%, просечно 7,3%.
Најмногу новозаболени има во возрасната група над 60 години, а најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години.
Има пораст на бројот на заболени кај возрасните групи од 0-9 и од 10 до 19 години, а најзабележително намалување во споредба со минатата недела има кај возрасната група од 50 до 59 години.
Изминатата недела оздравеле 1530 пациенти.
Вкупно се пријавени 175 реинфекции, што е намалување за 36 отсто во однос на претходната недела.
Пријавени се 10 смртни случаи во 4 градови, што е 26 отсто помалку од претходната недела кога имало 13 починати.
Во болниците има 63 хоспитализирани поради ковид-19, што е за 11 отсто помалку од претходната недела кога во болниците имало 71 пациенти.
Заклучно со 6 април 2022, вакцинирани се вкупно 873.332 лица со барем една доза на вакцина против ковид-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 853.786 лица, а со трета доза се вакцинирани 155.817 лица.
Заклучно со 10.04.2022, пријавени се вкупно 307.817 случаи на коронавирус во земјава, а 9252 луѓе починале.