Руските сили продолжија да се движат кон источна Украина пред планираната голема офанзива во регионот на Донбас, додека условите во Мариупол и понатаму се страшни, при што илјадници цивили загинале, а руските сили почнаа да го контролираат пристанишниот град. Украински команданти и западни официјални лица велат дека Русија продолжила да ги префрла своите сили од областите северно од Киев и од Белорусија, кон Харкив и регионите Доњецк и Луганск, каде што борбите се во тек од 2014 година. Официјални лица очекуваат Русија да изврши нова офанзива, најверојатно со цел да ги преземе преостанатите територии на регионите Доњецк и Луганск кои сè уште се контролирани од украинските владини сили.
Зеленски бара помош додека Русија ги засилува нападите во источна Украина
Претставник на американското Министерство за одбрана вчера изјави дека руските сили се распоредуваат околу регионот на Донбас, вклучително и во близина на градот Изум, кој наводно паднал во рацете на руските војници во минатата недела. Руски конвој вклучувајќи командни и контролни возила и единици за поддршка на пешадијата, бил забележан како се упатува кон Изум, рече официјален претставник, наведувајќи дека повеќе од 60 тактички групи на руски баталјони - секоја од 800 до 1.000 војници - се верува дека се распоредени од Херсон во јужна централна Украина, на североисток преку Донбас, до руската граница.
Петреус за РСЕ: Украина може да ја победи Русија
Русија, исто така, назначи нов генерал кој ќе ја преземе обединетата команда на офанзивата во Донбас, потег што според западните власти се чини дека има за цел да ја реши конфузијата и погрешните чекори што ги мачеа руските сили во првата фаза од војната. Мариупол, главното пристаниште на Азовското Море, со недели е место на интензивна опсада на руските сили, а градот сега наликува на апокалиптичен пејзаж. Руските сили се борат улица по улица со украинските маринци и баталјонот Азов.