Бербок: ЕУ до јули треба да ги почне преговорите со Скопје и Тирана

германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок

Северна Македонија и Албанија треба да ги започнат преговорите за членство во ЕУ во првата половина на годинава, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок. „Земјите како Украина, како и други држави, одамна ја гледаат својата иднина во ЕУ. Не само што нема да ги разочараме овие земји, туку ќе го одржиме ветувањето за членство во Европската унија. Тоа важи и за некои земји од Западен Балкан, пред сѐ Албанија и Северна Македонија, и токму затоа сега во првата половина од годината мора конечно да ги започнеме пристапните преговори со Тирана и Скопје“, рече Бербок по средбата на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.

Ковачевски: Проширувањето на ЕУ сега е прашање од геостратешка важност

Албанија ќе побара одвојување од Македонија на патот кон ЕУ

Според неа, отворањето на пристапните преговори со двете земји е одамна задоцнет чекор. Бербок нагласи дека имала билатерални разговори со бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска, при што двете се согласиле дека во сегашната ситуација клучно е да започнат преговорите за влез на Албанија и Северна Македонија во ЕУ. Таа упати порака и до српските власти дека мора да ги поддржат политиките на ЕУ, вклучително и санкциите кон Русија, доколку Белград сака да стане дел од Европската унија.