Груевски и Мијалков изразија жалење за одлуката на САД да ги стави под санкции

Груевски и Мијалков

Поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков изразија жалење за одлуката на САД да ги стави на листата на санкционирани лица на кои им забранет влез во земјата, како и на нивните семејства.

Министерството за финансии на САД на 11 април објави дека Груевски и Мијалков се ставени на листата на санкции поради корупција, во која се вклучени вкупно седум лица од Западен Балкан. Тројца од нив се и на списокот на американскиот Стејт департмент со кој им е забранет влез во САД.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен објави дека Стејт департментот и Министерството за финансии презеле акција за санкционирање на актерите во Западен Балкан за дестабилизирачки и коруптивни активности.

„САД и партнерите, како што е Обединетото Кралство, бараат одговорност од оние кои ја загрозуваат стабилноста, напредокот и европската интеграција на регионот“, напиша Блинкен на Твитер.

Груевски во објава на Фејсбук вели дека наводите заради кои бил ставен на листата „се неточни информации“ кои во најголем дел произлегувале од „долгогодишниот политички прогон“ кој против него се водел во Македонија.

Тој вели дека иако немал никаков имот во САД, чуствувал голема неправда бидејќи работел чесно и одговорно борејќи се за државните и националните интереси, а дека при тоа колку што можел се трудел да не ги загрози интересите на сојузниците на Македонија.

„Моите долгогодишни напори проблемот со името да се реши на поинаков начин од оној на кој на крајот се реши, одлуките поврзани со мигрантската криза и затворањето на блаканскиот коридор во 2016 година и неколку други одлуки со кои се обидував да ги заштитам државните и националните интереси на Македонија иритираа некои земји и ми навлекоа многу противници како што на пример беше Џорџ Сорос кој вложи многу напори и финасии за соборување на владата која ја предводев“, вели Груевски.

Мијалков исто така изрази жалење на Фејсбук поради одлуката на САД, за која рече дека била базирана на конструкции и дезинформации за кои, како што наведе, со време ќе се докажело дека „се неиздржани.“

„Верувам дека правдата ќе победи и дека одлуката на американската администрација ќе биде корегирана“, вели Мијалков.

Освен Груевски и Мијалков, списокот со санкционирани лица и ентитети на Министерството за финансии на САД вклучува и други функционери од Западен Балкан.

Од Босна и Херцеговина на листата е поранешниот потпретседател на Партијата за демократска акција (СДА) и делегат во Домот на народите на БиХ, Асим Сарајлиќ, како и поранешната главна обвинителка на Обвинителството на БиХ Гордана Тадиќ.

Од Црна Гора на листата е Светозар Маровиќ - поранешен висок функционер на Демократската партија на социјалистите (ДПС) и последен претседател на Државниот сојуз на Србија и Црна Гора.

Од Албанија на списокот се две лица: Аќиф Ракипи и Или Ндроќи.

Груевски и Мијалков се меѓу трите лица на кои им се забранува влез во САД и на нивните семејства, заедно со Гордана Тадиќ. Под санкции е и унгарската фирма на Груевски I.C.I.C. KFT.

Одлуките за санкции се надоврзуваат на посветеноста на администрацијата на претседателот на САД Џо Бајден за промовирање на одговорност за оние кои, меѓу другото, преку корупција ја поткопуваат стабилноста на регионот на Западен Балкан.

Никола Груевски една деценија беше премиер на Македонија: од 2006 до 2016 година. Тој во ноември 2018 година побегна во Унгарија, откако беше осуден на двегодишна затворска казна за корупција во случајот за нелегална набавка на луксузниот мерцедес. Груевски беше обвинет во неколку предмети: ТНТ, Титаник, Траекторија и за организирање насилствата во Собранието на 27 април.

Сашо Мијалков речиси една деценија беше на чело на државната безбедносна агенција УБК, до мај 2015 година. Тој, заедно со други функционери на разузнавачката служба, се обвинети и осудени за незаконско прислушување на илјадници луѓе, вклучително и опозициски политичари и новинари, а подоцна и за обид за уништување на доказите.