Штрајкови и шокови
РУСИЈА - Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија нема да ја прекине својата, како што рече, воена операција во Украина пред следната рунда мировни преговори.
ЕУ / СРБИЈА - Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок му порача на официјален Белград дека ако сака да се приклучи на европскиот блок, Србија мора да воведе санкции кон Русија поради нејзината агресија во Украина.
САД / МАКЕДОНИЈА - Поранешниот македонски премиер Никола Груевски и поранешниот шеф Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) Сашо Мијалков се на листата на санкционирани лица која денеска ја објави американското Министерство за финансии. Со тоа на Груевски и Мијалков и на членовите на нивните семејства им е забранет влез во САД.
УКРАИНА / ФРАНЦИЈА - Француски тим пристигна во Украина за да им помогне на локалните истражители да ги испитаат наводите за воени злосторства во близина на главниот град Киев.
ВЕЛИКА БРИТАНИЈА / БИХ - Британија денеска објави дека ги санкционирала членот на Претседателството на Босна и Херцеговина од Република Српска (РС) Милорад Додик и претседателката на тој ентитет Жељкa Цвијановиќ за, како што е опишано, обидите да го нарушат легитимитетот и функционалноста на државата БиХ.
ПАКИСТАН - Пратениците од партијата на соборениот пакистански премиер Имран Хан колективно поднесоа оставка во Парламентот во пресрет на гласањето за избор на нов премиер.
МАКЕДОНИЈА - Светска банка во најновата пролетна прогноза предвидува забавување на растот на македонската економија за годинава на 2,7 проценти. Причина за тоа се последиците од руско-украинскиот конфликт и санкциите воведени кон Русија.
МАКЕДОНИЈА - За амортизирање на ценовните шокови предизвикани од пандемијата и воениот конфликт во Украина, издвоени се речиси 615 милиони евра, соопшти денеска Владата.
ГРЦИЈА - Голем шумски пожар избувна утрово во непрооден дел во областа Мола Калива кај Касандра на првиот крак на Халкидики, а во тек се напори за ставање на огнот под контрола.
ФРАНЦИЈА - Првите резултати од претседателските избори во Франција покажуваат дека во вториот круг од изборите ќе одат актуелниот претседател, центристот Емануел Макрон и кандидатот на екстремната десница Марин Ле Пен. Макрон освоил меѓу 28,6 и 29,7 насто од гласовите, а Марин Ле Пен меѓу 23,5 и 24,7 проценти.
МАКЕДОНИЈА - Денеска почна генерален штрајк на вработените во образованието, науката и културата. Тие бараат исплата на минималната плата според законот и усогласување на останатите плати со минималната. Од Владата се согласни дека треба да има зголемување на платите, но сметаат дека тоа не треба да се направи наеднаш затоа што може да предизвика инфлација.