Европската унија предупреди дека руската војна против Украина го става светот на работ на прехранбена криза, бидејќи пропаѓа украинската економија која во голем дел се заснова на земјоделството.
Еден ден откако Светска банка соопшти дека економијата на Украина оваа година ќе се намали за речиси половина, највисокиот дипломат на ЕУ денеска изјави дека руското бомбардирање на полињата и блокирањето на пристаништата кои ги спречуваат бродовите да заминат со житото, испраќа шокови и надвор од границите на земјата во време кога глобалната економија веќе се бори да се опорави од ковид пандемијата.
Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел предупреди на недостиг, велејќи пред новинарите дека Русија предизвикува глад во светот.
Предупредувањето на Борел ја надополнува загриженоста во извештајот на Светска банка објавен на 10 април, во кој се вели дека економското производство во Украина се очекува да се намали за 45 отсто, а дека конечниот степен на економскиот пад на земјата на крајот ќе зависи од „времетраењето и интензитетот на војната.“
Ана Бјерде - потпретседателка на Светска банка за регионот на Европа и Централна Азија, рече дека руската инвазија „задава огромен удар врз економијата на Украина и нанесува огромна штета на инфраструктурата“.