Австрискиот канцелар Карл Нехамер изјави дека не е оптимист по средбата со рускиот претседател Владимир Путин.
„Генерално, немам впечаток дека можам да кажам нешто оптимистички по разговорот со претседателот Путин. Очигледно е дека се подготвува офанзива (во источна Украина) во масовни размери“, рече Нехамер на прес-конференција во Москва по попладневната средба со Путин.
Нехамер е првиот лидер на Европската унија што се сретна со Путин по започнувањето на инвазијата врз Украина на 24 февруари 2022 година.
Нехамер изрази солидарност со Украина поради руската инвазија и ги осуди злосторствата извршени во земјата, додека неговата влада им се придружи на другите земји од ЕУ во протерувањето на руските дипломати.
Во изјавата по средбата, Нехамер рече дека разговорот со Путин бил „многу директен, отворен и тежок“. Тој додаде дека неговата најважна порака до Путин била дека војната во Украина мора да заврши бидејќи „има само губитници на двете страни“.
Портпаролот на Нехамер денеска попладнво изјави дека средбата се одржала во официјалната резиденција на Путин, Ново-Огарјево, надвор од Москва. Посетата предизвика различни европски реакции, вклучително изненадување, скептицизам и осуда.