Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија нема да ја прекине својата „воена операција“ во Украина пред следната рунда мировни преговори.
Говорејќи во интервју за руската државна телевизија, Лавров рече дека рускиот претседател Владимир Путин им наредил на војниците „да ја прекинат воената акција за време на првата рунда преговори меѓу руските и украинските преговарачи кон крајот на февруари“. Но, тој тврди дека оттогаш ставот на Москва се променил.
„Откако се уверивме дека Украинците не планираат да возвратат, беше донесена одлука дека нема да има прекин во текот на следните рунди преговори, додека не се постигне конечен договор“, рече Лавров.
Лавров рече дека не гледа причина разговорите да не продолжат, но инсистираше на тоа дека Москва нема да ја запре „воената операција“, како што ја нарече руската инвазија врз Украина.
Руските власти велат дека мировните преговори со Украина не напредуваат толку брзо како што би сакале и го обвинија Западот дека се обидува да ги наруши преговорите со подигање на обвиненија за воени злосторства против руските војници во Украина, што Москва ги негира.
На 24 февруари Русија испрати десетици илјади војници во Украина во, како што ја нарече „специјална операција за уништување на воените капацитети на земјата и искоренување на националистите“.
Украинските сили пружија силен отпор, а Западот воведе сеопфатни санкции кон Русија во обид да ја принуди да ги повлече своите сили.
Минатата недела Лавров го обвини Киев дека на Москва ѝ презентирал „неприфатлив“ нацрт мировен договор кој „отстапува од договорот што страните претходно го постигнаа“.
Украина и Русија досега имаа неколку рунди разговори, почнувајќи од Белорусија, а неодамна се одржаа и во Истанбул, Турција. Сепак, тие се уште не постигнаа договор за прекин на огнот или за повлекување.