Бербок - Србија да воведе санкции кон Русија ако сака да биде дел од ЕУ

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок му порача на официјален Белград дека ако сака да се приклучи на европскиот блок, Србија мора да воведе санкции кон Русија поради нејзината агресија во Украина.

По состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, шефицата на германската дипломатија нагласи дека земјите од Западен Балкан јасно ставиле до знаење дека својата иднина и безбедност ја гледаат во Европската унија поради што, според неа, повеќето од нив ги поддржуваат европските санкции.

„Би сакала да ѝ нагласам на Србија, доколку сакате да станете членка на Европската унија, она што Србија би сакала да стане, тогаш клучно е во такви моменти да ја поддржите надворешната политика на Европската унија и соодветните санкции“, рече таа.

Претходно, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер во честитката за победата на изборите на 3 април до српскиот претседател Александар Вучиќ напиша дека „Германија ги поддржува Србија и Западен Балкан како доверлив партнер, но дека воведувањето на санкции кон Русија ќе биде важно за европската интеграција.

Србија е единствената земја во Европа која не воведе санкции кон Русија. Од почетокот на војната во Украина, Европската унија одобри пет пакети санкции како одговор на руската агресија.