Австрискиот канцелар Карл Нехамер денеска во Москва одржа „директни, отворени и тешки“ разговори со рускиот претседател Владимир Путин, за време на неговата посета којашто предизвика различни европски реакции, вклучително изненадување, скептицизам и осуда, јавува агенцијата Ројтерс.
Нехамер е првиот лидер на Европската унија што се сретна со Путин по започнувањето на инвазијата на Украина на 24 февруари оваа година.
Нехамер изрази солидарност со Украина поради руската инвазија и ги осуди злосторствата извршени во таа земја, додека неговата влада им се придружи на другите земји од ЕУ во протерувањето на руските дипломати.
Во изјавата по средбата, Нехамер рече дека разговорот со Путин бил „многу директен, отворен и тежок“. Тој додаде дека неговата најважна порака до Путин била дека војната во Украина мора да заврши бидејќи „има само губитници на двете страни“.
Портпаролот на Нехамер денеска попладнво изјави дека средбата се одржала во официјалната резиденција на Путин, Ново-Огарјево, надвор од Москва.