Француски тим пристигна во Украина за да им помогне на локалните истражители да ги испитаат наводите за воени злосторства во близина на главниот град Киев.
Ваквите информации денеска на Твитер ги објави францускиот амбасадор во Украина, Етјен де Понсинс, кој рече дека ова е првата странска единица која нуди таква поддршка.
„Горди сме што можеме да го дочекаме одредот што дојде да помогне во истрагата за воените злосторства извршени во околината на Киев“, рече францускиот амбасадор.
Наводите за убиства на цивили во градот Буча, во близина на Киев, минатата недела предизвикаа гнев кај меѓународната заедница.
Украина тврди дека 1.222 тела биле пронајдени во областите во близина на Киев, по повлекувањето на руските војници, пишува Би-Би-Си.
Москва ги отфрли обвинувањата за воени злосторства на Украина и западните земји. Таа негираше дека таргетирала цивили во она што Кремљ го нарекува „специјална воена операција“ за демилитаризација и „денацификација“ на својот сосед.