Британија денеска објави дека ги санкционирала членот на Претседателството на Босна и Херцеговина од Република Српска (РС) Милорад Додик и претседателката на тој ентитет Жељкa Цвијановиќ за, како што е опишано, обидите да го нарушат легитимитетот и функционалноста на државата БиХ.
Санкциите, кои вклучуваат забрана за патување и замрзнување на имотот, се први во рамки на британскиот режим на санкции кон БиХ, соопшти британската влада нагласувајќи дека „тоа не се санкции против Република Српска или нејзините граѓани“.
„Овие санкции се насочени кон две лица кои се однесуваа неодговорно на своите функции“, соопшти британската амбасада во БиХ.
Британските санкции значат дека Додик и Цвијановиќ нема да можат да патуваат во Обединетото Кралство или да користат или пристапуваат до кој било имот што може да го поседуваат во Британија.
Во одлуката на британските власти се наведува дека Додик и Цијаноиќ „охрабрени од руското поткопување на меѓународниот систем“ ги искористиле своите позиции на моќ за да извршат де факто отцепување на Република Српска, еден од двата ентитета на Босна и Херцеговина, што е директно спротивно на државниот устав.
„Милорад Додик започна акција за повлекување на Република Српска од клучните државни институции, користејќи поделбена, опасна и националистичка реторика, нарушувајќи го домашниот и регионалниот мир и поттикнувајќи етничка омраза и негирање на геноцидот.
Во меѓувреме, во октомври 2021 година, Жељка Цвијановиќ ја искористи својата функција за да поднесе предлог-закони во Република Српска со кои се бараше да се префрлат државните надлежности на ниво на ентитет.
„Цвијановиќ јавно ги пофали воените злосторници и го негираше геноцидот во Сребреница“, се вели во документот на британската влада.
Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас рече дека, работејќи во координација со Соединетите Држави и други партнери истомисленици, се надева дека британските санкции ќе ги охрабрат другите земји да применат слични рестриктивни мерки „повикајќи ги политичарите на одговорност за нивното дестабилизирачко и опасно однесување“.
Реагирајќи на санкциите, Милорад Додик рече дека тоа ќе ја забрза процедурата за прекин на контактот и соработката со британскиот амбасадор во БиХ.
Во изјава за време на седница на Националното собрание на РС, тој рече дека не се грижи за санкциите, дека нема имот во Британија и дека не бил таму 10 години.
Тој потоа прочита соопштение од британската амбасада до пратениците, по што рече „замислете ги сите тие глупости“.
Во исто време, британскиот амбасадор во видео порака на Твитер рече дека санкциите се воведени „поради активности кои ја поткопуваат стабилноста, функционалноста и правната рамка на БиХ“. Британскиот амбасадор додаде дека ова е „првпат режимот на санкции на Обединетото Кралство да се користи за БиХ и дека одлуката е донесена по внимателно разгледување и детални правни консултации“.