ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ТРИО во МКЦ – Македонска музика на стероиди

Влатко Стефановски трио во МКЦ, 9 април 2022

По цели 40 години од концертот со ЛЕБ И СОЛ, Влатко Стефановски и се врати на Дансинг салата во МКЦ. Овојпат со два настапи и со своето трио во кое се неговиот син Јан на тапани и Иван Кукиќ на бас. И, со свирка која носи нова моќна енергија. Триумфално.

Влатко Стефановски е како виното. Што постар толку подобар. И, не само поради поминатите километри, многуте изданија и музики, концерти, соработки... туку и поради енергијата што ја поседува како инструменталист и творец. Како музичар со големо М. Виртуоз на гитара. Еден од оние што пет пари не дава за атрибути како „легенда“, „мајстор“... туку наспроти сите ветришта и премрежиња што ги носи времето, се обидува и успева да ги живее уметноста и животот со полни гради. Да биде свој на своето. И притоа без да застане или, не дај Боже, да помисли на калкулации. Или грешни проценки. Онака како што сето тоа го правел сите овие децении наназад. Со многу талент, уште повеќе работа и само работа и со свои автентични приказни. Со грижливо одбрани луѓе со кои ќе ја дели сцената и умно планирани потези што да се стори сега, утре или во иднина.

Сосема не типично за некој талентиран кој пресекол навреме дека ќе остане на овој и ваков превртлив и експлозивен Балкан и од овде, од дома, каде како што би рекол неговиот брат Горан Стефановски - „најмногу боли“, свесен за своите корени, за идентитетот, за моќта на мајчиниот јазик, со ритамот во себе ќе се обиде да се разбере со светот. Да ги сподели нашите непарни биења во градите. А, тоа не е мала работа. Напротив. Тоа го можат само вистинските.

Влатко Стефановски трио во МКЦ

Од таму, нималку не треба да се доведе во сомнеж неговата одлука, во годината кога МКЦ го одбележува својот 50-годишен јубилеј, по цели 40 години од моментот кога со ЛЕБ И СОЛ, со Бодан Арсовски на бас и Драгољуб Ѓуричиќ на тапани, ги исцедија последните атоми на публиката во Дансинг салата, да му се врати на истото место, во скопскиот легендарен клуб, и да им даде простор силно да се назначат како музичари на неговиот син Јан и на Иван Кукиќ. На „децата“ кои веќе го имаа огненото крштевање на концерти како оној на Градски стадион пред големото шоу на Стинг, или на манифестации во преполната сала Борис Трајковски во Скопје... но на кои несомнено им треба докажување оти сега им е моментот. Тие едноставно имаат и знаење и енергија и уште повеќе желба да носат се* пред себе. А, тоа добро го знае гитаристот и искусен уметник.

Од друга страна, пак, овие два последователни концерти , во петокот и саботата (8 и 9 април 2022), на виделина извадија уште една вистина – Влатко Стефановски крај нив како да почнува да ја живее својата нова младост. Барем јас лично, како негов современик кој и професионално го следел многу наназад, не сум го видел со толку радост и со некоја чудна нова енергија да му се предава на материјалот – еве нека биде новата колекција на хитови што моќниот дискографски концерн „Кроација рикордс“ како издание на компакт диск и двоен винил штотуку ги објави. На музиката која, пак, поодамна е симбол за неговото творечко траење и на заедничка радост – непроценлив документ за нашата современа музичка мисла и богатата вековна традиција.
И, тоа од првиот до последниот акорд. Од „Македонско девојче“, химната на боемот и класик Јонче Христовски, па се* до нему омилената „Бистра вода“ или за крај експлозивната „Учи ме мајко, карај ме!“.

И, помеѓу со убава прошетка по бисерите оставани во колекцијата авторски сновиденија, песни како „Кандилце“, „Глуво доба“, „Ја чувам ноќта од будните“, „Фосфорна месечина“... како показ за одамна достигнатите лирски височини, потем „Gipsy Song“ - народната без која децении наназад не бива свадба или било каква друга соборна веселба, преку „Деца на сонцето“, новиот експлозивен сет со „Сеир“, или уште повеќе „Funky Junkie“, „Огледало“... од последниот студиски албум „Taftalidze Shuflle“ кој според податоците одлично помина во земјите од поранешна Југославија, и така со ред. Цели два часа со „македонска музика на стероиди“ како што во еден момент, видно расположениот и дури и разигран Влатко ќе и порача на публиката.

Влатко Стефановски трио во МКЦ

А, ова пак е повеќе од доказ дека тој во Јан и во Иван, во нивната глад за докажување како музичари, енергијата што нималку не ја штедат ( требаше да се биде таму за да се разбере дека тие „едноставно експлодираа на сцена во своите соло делници“), ги нашол идеалните нови придружници. И, дека разбирливо ужива во тоа. Дека му се радува на овој драгоцен момент од неговата богата и над се плодна кариера. И, дека во јавноста на голема врата внесува двајца талентирани свирачи пред кои е убава иднина и од кои, утре, со право би очекувале поинакви дострели и силни авторски и изведувачки музики.

И, ако вака во клупската атмосфера на просторот кој е не е многу „омилен“ кај музичарите оти тешко се озвучува, Влатко Стефановски трио го стори првиот успешен чекор кон работното лето 2022, првиот ТРИУМФ, тогаш за очекување е да слушаме само убави вести за нивните следни громогласни настапи одовде до Марибор и назад до Гевгелија. И да се радуваме за транспонирањето на македонската музичка култура во пошироки рамки. Оти , оваа свирка со сета своја раскош, богатство, моќниот ритам и новата енергија не признава ниту граници, ниту било какви физички и емотивни огради... и може единствено да биде само мелем на раната по годините на физичка подвоеност и наметнато отуѓување глобално и на оваа раскрсница. Да му радуваме на животот онаков каков што го знаевме. Конечно да дозволиме „некоја искра да не запали“ и без било каква зла мисла во себе „некои стари песни повторно да запееме“.

Влатко Стефановски трио во МКЦ