Хрватска денеска ја извести Руската амбасада во Загреб дека протерува 18 руски дипломати и шестмина членови на административно-техничкиот персонал.
Рускиот амбасадор во Хрватска денеска бил повикан во Министерството за надворешни и европски работи за на тој начин на руската страна да ѝ се изрази „најостра осуда за бруталната агресија врз Украина и бројните сторени злосторства“.
Министерството соопшти дека бил повторен повикот до руската страна за итен прекин на воените активности и повлекување на руската војска од целата територија на Украина, како и итно обезбедување рути за евакуација за населението и за достава на хуманитарна помош.
Било нагласено очекувањето на Хрватска одговорните за злосторства да бидат изведени пред лицето на правдата, се наведува во соопштението.
Русија ја нападна Украина на 24 февруари, што наиде на жестока меѓународна осуда. Многу земји поради војната протеруваат руски дипломати, а Москва одговара на сличен начин со протерување западни дипломати.