Три години затвор за обвинетиот за сообраќајката кај „Сити мол“

Сообраќајна несреќа кај Сити мол во Скопје на 20 јануари 2022

Обвинетиот во случајот со сообраќајната несреќа кај „Сити мол“, Јордан Ѓорѓиев, од Основниот Кривичен суд – Скопје денеска беше осуден на казна затвор од три години.

На пресудата ѝ претходеше признание на вина од страна на обвинетиот. Судењето го водеше судијката Љубинка Башевска.

Трагичната сообраќајната несреќа се случи на 20 јануари годинава во близина на раскрсницата кај Трговскиот центар „Сити мол“, при што животот го загуби Викторија Николова. Според пресудата, обвинетиот се движел со брзина од 67,3 километри на час, брзина поголема за 17 километри на час од предвидената.

Сообраќајката предизвика жестоки реакции во јавноста, а се организираше и протест под мотото „Стоп за сообраќајното насилство“, на кој излегоа стотина луѓе на раскрсницата на булeварот Партизански одреди кај „Сити мол“ во Скопје на мирен протест.

Таа недела три лица загинаа на скопските улици, двајца додека минувале на пешачки премин.