Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел изјави дека нови санкции против Русија остануваат опција поради нападот врз Украина, во пресрет на состанокот на министрите за надворешни работи од ЕУ во Луксембург.
Борел пред состанокот рече дека „санкциите секогаш се на маса“.
Тој додаде дека министрите, кои треба да разговараат за наводните воени злосторства извршени од страна на руските сили во Украина со обвинителот од Меѓународниот кривичен суд Карим Кан, би можеле да дебатираат и за „натамошни чекори“ против Москва.
Некои членки на Унијата повикаа на целосно ембарго на увоз на руска нафта, иако има колебања од други земји поради влијанието што таквиот потег би го имал врз нивните економии.
Русија ја нападна Украина на 24 февруари по што западните земји воведоа неколку рунди жестоки економски санкции против Москва.