Првите резултати од претседателските избори во Франција покажуваат дека во вториот круг од изборите ќе одат актуелниот претседател, центристот Емануел Макрон и кандидатот на екстремната десница Марин Ле Пен. Макрон освоил меѓу 28,6 и 29,7 насто од гласовите, а Марин Ле Пен меѓу 23,5 и 24,7 проценти. Трет е кандидатот на радикалната левица Жан-Лук Мелешон со околу 20 насто од гласовите. Во првиот круг за претседател на Франција имаше 12 кандидати. Емануел Макрон им се заблагодари на гласачите што го поддржаа да влезе во вториот круг од претседателските избори во Франција и ги повика да го блокираат доаѓањето на власт на екстремната десница, посочувајќи дека „сѐ уште ништо не е решено“ на француските избори.
Франција бира Претседател - Макрон фаворит на анкетите
„Трката што ќе ја имаме за 15 дена ќе биде одлучувачка за нашата земја и за Европа“, рече тој во обраќањето до своите поддржувачи. Лидерот на француската радикална левица Жан-Лук Меланшон, кој го освои третото место во првиот круг од претседателските избори, ги повика своите гласачи да не ѝ даваат глас на кандидатката на крајната десница Марин Ле Пен, која влезе во вториот круг. „Не смееме да даваме никаков глас за Марин Ле Пен“, рече Меланшон. Од друга страна, кандидатот на екстремната десница, Ерик Земур, кој освои седум отсто од гласовите, ги повика своите гласачи да гласаат за Марин Ле Пен во вториот круг на 24 април. „Имам многу несогласувања со Марин Ле Пен, но нејзиниот противник Макрон донесе два милиона имигранти и никогаш не ја спомна темата за националниот идентитет“, им рече Земур на своите поддржувачи.