Никој нема право да ги присилува штрајкувачите да згрижуваат и да воспитуваат деца. За жал дејноста е таква каде што некој може поинаку да го протолкува ова, но реалноста е таа и тоа е процесот на штрајкување во овие дејности – порача денеска првиот човек на Синдикатот за образование наука и култура Јаким Неделков ден пред утрешниот штрајк во образованието.
Неделков рече дека согласно одлуката за штрајкот освен наставата ќе бидат одложени и сите наставнички совети, родителски средби, полагање на државни испити и се што е поврзано со штрајкувачите во образовната дејност.
Синдикатот се пожали и на притисоци врз вработените.
„Во последниот период зачестија притисоците најмногу врз вработените во детските градинки. Се принудуваат сите да бидат на своите работни места и да функционираат и да работат како да нема штрајк. Имено одлуката на СОНК е донесена едногласно и таа е извршна без разлика дали некој поединечно гласал за односно против поддршка за штрајкот, одлуката едногласна и секој мора да штрајкува“, рече Неделков.
Од СОНК порачаа дека секое оневозможување на штрајкот е казниво по закон.
„Директорите да не си играат со штрајкувачите ќе бидат поднесени кривични пријави против нив за попречување на штрајк, за што е предвидено парична казна или казна затвор во рок од една година “, рече адвокатката на СОНК, Верица Ристова.
Синдикатот апелира до Владата што побрзо да ги повика на преговори и да се изнајде заемно прифатливо решение, во спротивно велат целата одговорност ќе падне на Владата и ресорните министерства, а единствен виновник зошто учениците нема да имаат основно загарантирано право на образование ќе бидат надлежните и како што велат - нивниот игнорантски однос, поради тоа што не ги исполнија барањата за решавање на овој проблем.
Претходно од Министерството за образование и наука пак соопштија дека училиштата мора да работат и покрај штрајкот, но без да се прецизира кој ќе ја држи наставата.
Неделков вели дека тие немаат одговорност за децата кои што ќе дојдат во училиштата или градинките, тие ќе бидат во просториите на училиштата, а директорот вели може да употреби вработени кои што евентуално нема да штрајкуваат.