ЕК ќе издвои милијарда евра за помош на бегалците од Украина

Бегалци од Украина во Полска

Европската комисија ќе издвои една милијарда евра за поддршка на Украина и земјите кои примаат бегалци од оваа земја, по руската инвазија.

Ова го изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дел Лајен на донаторската конференција за помош на бегалците во Полска.

Таа изјави дека 600 милиони евра ќе бидат наменети за Украина, за нејзините власти и делумно за ОН, додека 400 милиони евра ќе отидат за државите на првата линија до Украина кои примаат и им помагаат на бегалците.

Донаторската конференција во Варшава заеднички ја организираат невладината организација Глобат ситизен, Европската комисија и канадската Влада.

Повеќе од 4,4 милиони Украинци ја напуштија земјата откако на 24 февруари Русија почна неиспровоцирана инвазија на Украина. Повеќе од половина од нив, односно над 2,5 милиони луѓе од Украина избегаа во Полска.