МВР: Хрватскиот ракометар бил претепан, двајца се приведени, еден е во бегство

Полиција, Северна Македонија

Хрватскиот ракометар на „Бутел“, Денис Тот кој вчера почина на скопските клиники, претходно бил нападнат од три лица пред ноќен клуб во градскиот парк во Скопје, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Иако вчера соопштија дека ракометарот бил примен без видливи траги на насилство, по проверката на снимките се покажало дека Тот бил нападнат и му биле нанесени удари по главата, по што паднал во бесознание.

„Во врска со случајот за починатиот Д.Т. (28) по обезбедените снимки и дополнителни мерки и активности од страна на СВР Скопје утврдени се следните факти. На ден 07.04.2022 година, околу 03:30 часот, пред ноќен клуб лоциран во Градскиот парк, дошло до вербална расправија помеѓу лицето Д.Т. (28) од Р.Хрватска, со привремен престој во РСМ и лицата А.Ѓ. (28), К.Л.(19) и А.К.(22) сите од Скопје при што тројцата го нападнале и му нанеле удари по главата на Д.Т. од кои тој паднал со глава наназад на асфалтот и изгубил свест“, стои во соопштението на МВР.

Ракометарот со брза помош бил пренесен во Ургентниот центар во критична состојба и бил ставен на апарати за дишење.

Според лекарите повредениот имал престанок на работата на срцето и бил во животна опасност. Во текот на вчерашниот ден им подлегна на повредите.

Од МВР додаваат дека за настанот известено е и обвинителството, по чија наредба телото на починатиот е предадено на обдукција.

Полицијата извршила и службен разговор со повеќе лица, меѓу кои и двајца од осомничените, додека третиот осомничен не бил достапен.

„Постапувајќи по Наредба издадена од Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје на ден 08.04.2022 година, извршен е претрес во домот на лицето А.Ѓ. кој е недостапен на органите на прогонот и со потврда за привремено одземени предмети одземени се предмети што ќе бидат доставени на вештачење во ОКТИВ при МВР. По лицето А.Ѓ. (28) од Скопје е распишан централен распис. Од страна на СВР Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје е доставен соодветен поднесок“, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.