Иранскиот претседател Ебрахим Раиси изјави дека Иран ќе продолжи со активностите за нуклеарен развој бидејќи разговорите за заживување на нуклеарниот договор на Техеран со светските сили „тапкаат во место“.
Говорејќи на 9 април на церемонијата по повод националниот ден на иранската нуклеарна технологија, Претседателот рече дека неговата администрација ќе поддржи забрзување во истражувањата на нуклеарната технологија.
„Иранското истражување на мировните нуклеарни полиња нема да зависи од туѓите барања или гледишта“, рече Раиси, кој дојде на власт во август.
Изјавата на Раиси доаѓа откако разговорите меѓу Иран и светските сили во Виена за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година заглавија.
Нуклеарниот договор пропадна пред четири години кога поранешниот претседател Доналд Трамп ги повлече Соединетите држави и воведе строги санкции кон Иран. Во меѓувреме, Иран значително ја прошири својата нуклеарна работа.
Иран долго време негираше дека тајно развива нуклеарно оружје, велејќи дека нуклеарната програма е исклучиво за мирољубиви цели.
Шефот на иранската организација за атомска енергија (АЕОИ), Мохамад Еслами, на 9 април изјави дека Иран наскоро ќе започне со изградба на нова нуклеарна централа во близина на градот Дарховин во провинцијата Хузестан богата со нафта во југозападниот дел на земјата.