Извршителите на убиствата на цивилите во украинскиот град Буча се виновни за воени злосторства и треба да одговараат, изјави денеска германскиот канцелар Олаф Шолц.
„Ова е нешто што не можеме да го заборавиме. Не можеме да игнорираме дека ова е злосторство. Тоа се воени злосторства што нема да ги прифатиме. Тие што го сторија тоа мора да одговараат“, рече тој.
Откако руските војници се повлекоа од Буча минатата недела, украинските власти соопштија дека стотици цивили се пронајдени мртви. Заменик-градоначалникот на Буча рече дека повеќе од 360 цивили биле убиени, а околу 260-280 биле закопани во масовна гробница од други жители.
Русија ги нарече тврдењата дека руските сили егзекутирале цивили во Буча „монструозен фалсификат“ со цел да се оцрни руската војска.
Говорејќи на митинг пред државните избори во северната покраина Шлезвиг-Холштајн, Шолц рече дека Германија ќе продолжи да ја снабдува Украина со одбранбено оружје со цел да испрати порака дека е посветена на одбраната на суверенитетот на европските држави.
„Границите на Европа мора да останат недопрени“, рече Шолц.
Русија ја нарекува војната во Украина „специјална воена операција“ за демилитаризација и „денационализирање“ на својот сосед.
Украина и Западот велат дека инвазијата била нелегална и неоправдана.