Северна Македонија сака да се приклучи кон ЕУ, а со тоа приклучување секој нејзин граѓанин ќе стане и граѓанин на Унијата, па затоа со новата Влада на Бугарија воспоставивме соработка во области коишто гледаат кон иднината и коишто можат да бидат од корист за граѓаните на двете земји, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски во обраќање на Економскиот форум Делфи во Грција, потенцирајќи дека проширувањето на ЕУ сега е прашање од геостратешка важност.
„Двете нови Влади беа изгласани речиси во исто време, едната пред крајот на минатата година, а едната на почетокот на оваа година, и веднаш започнавме со нов дијалог затоа што претходно повеќе од една година дијалогот меѓу двете држави речиси и да не постоеше и медиумите практично беа исполнети со пропаганда од страна на поединци, од страна на групи коишто не сакаа да видат постигнување на договор. Затоа двете влади воспоставија соработка во области коишто гледаат кон иднината и коишто можат да бидат од корист за сите граѓани на двете земји, како и за засегнатите страни, стопанските комори и други институции, а од друга страна ова дава резултати затоа што има конкретни материјални бенефити, има дијалог меѓу двете министерства за надворешни работи за отворените политички прашања“, нагласи Ковачевски.
Тој потенцира и дека регионот на Балканот од секогаш бил сфера на интерес и за Русија, но и за други држави, но ние во земјата имаме јасна цел и согласност меѓу главните политички партии, особено оние коишто се дел од Владата, во врска со нашиот пат кон ЕУ.
„Има поединци, но има и политички партии во Собранието и надвор од него коишто јасно се против ЕУ и против членството во НАТО, па сега зависи од нас и од ЕУ да испорача во поглед на своето ветување, затоа што Северна Македонија донесе една од најбитните одлуки во минатото, а ЕУ не го исполни своето во тој момент. Имаше многу дебати, но немаше реално дејствување, и сметам дека сега е време, затоа што проширувањето не е само прашање на проширување, туку е прашање од геостратешка важност во врска со се што се случува во Украина и во врска со сите хибридни напади и дезинформации коишто се случуваат во регионот“, додаде премиерот.
Според него, токму затоа прашање за проширувањето на Унијата треба да се реши што е можно побрзо, прво со взаемен договор помеѓу Северна Македонија и Бугарија, а потоа и со одобрување на преговарачката рамка од страна на ЕУ.
Во однос на расположението на јавното мислење во земјава во врска со пристапувањето кон ЕУ, премиерот Ковачевски нагласи дека е нормално за процес којшто трае речиси 18 години и не е завршен, да создаде разочарување, но дека сепак и сега ЕУ има поддршка помеѓу мнозинството од граѓаните во државата, некаде околу 70 проценти.