Пакистанскиот парламент ќе гласа за доверба на премиерот Хан

Врховниот суд на Пакистан

Почна клучната седница на Националното собрание на Пакистан за гласање доверба, која може да ја одреди судбината на пакистанскиот премиер Имран Хан.

Седницата на Долниот дом на парламентот беше свикана откако Врховниот суд во земјата го блокираше обидот на Хан да остане на власт. Судот на 7 април одлучи дека спречувањето на гласањето за доверба во Парламентот е неуставно.

Хан и неговите сојузници се обидоа да го заобиколат гласањето за доверба со распуштање на парламентот.

На почетокот на седницата, спикерот на парламентот Асад Кајсер рече дека сака собранието да дебатира за „странскиот заговор“ за соборување на Хан, со што предизвика остри реакции од опозицијата.

  • Пакистанскиот Врховен суд одлучува дали е противуставно распуштањето на Собранието

    Опозицискиот лидер Шехбаз Шариф го потсети претседавачот дека е должен да ги следи наредбите на Врховниот суд и да овозможи гласање за доверба на владата. По гласното барање на пратениците од опозицијата да почне гласањето, претседавачот ја одложи седницата за попладне.

    Премиерот Имран Хан вчера рече дека нема да ја признае владата формирана од опозицијата, ако парламентот денеска му изгласа недоверба. Тој рече дека „нема да прифати увезена влада“, повторно сугерирајќи дека потегот за негово соборување е дел од странски заговор.

    „Подготвен сум за борба“, рече тој, повикувајќи на мирни протести за утре.