Од регионот Луганск во источна Украина треба да се евакуираат повеќе луѓе оти во последните денови се засилува бомбардирањето, а пристигнуваат и повеќе руски сили, рече денеска гувернерот на Луганската област Серхиј Гаидаи.
Тој рече дека околу 30 отсто од жителите сè уште остануваат во градовите и селата низ регионот и од нив е побарано да се евакуираат.
„Тие (Русија) собираат сили за офанзива и гледаме дека бројот на гранатирања е зголемен“, изјави Гаидаи за украинската телевизија.
Украина сè повеќе предупредува дека Русија планира засилени напади на истокот и југот на земјата, откако ќе ги повлече своите трупи од областите северно од главниот град Киев.
Соединетите Држави оваа недела соопштија дека Москва веројатно планира да распореди десетици илјади војници во источна Украина.
Потпретседателката на украинската влада Ирина Верешчук рече дека договориле 10 хуманитарни коридори за евакуација на луѓе од земјата, вклучително и евакуација на луѓе со приватен транспорт од опколениот град Мариупол. Досега пропаднаа бројни обиди да се договори сигурен коридор за евакуација од градот.
Русија ја фокусираше својата офанзива, која вклучува крстосувачки ракети лансирани од нејзините поморски сили, во источниот регион Донбас, соопшти британското Министерство за одбрана на дневниот брифинг на 9 април.
На брифингот рекоа дека се очекува дека воздушните напади ќе се зголемат на југ и на исток бидејќи Русија се обидува да воспостави копнен мост меѓу Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година, и Донбас, но украинските сили го спречуваа напредувањето.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски побара остар глобален одговор на Русија, откако нејзините сили истрелаа проектил на преполна железничка станица, при што загинаа најмалку 52 лица.
Во своето ноќно обраќање доцна на 8 април, Зеленски рече дека нападот на железничката станица во Краматорск, каде што 4.000 луѓе се обидувале да побегнат од претстојната руска офанзива на исток, претставува уште едно воено злосторство.
Русија негираше дека е одговорна за нападот. Меѓу загинатите има пет деца, а десетици луѓе се тешко повредени.
Светските лидери го осудија нападот.