Конфедерацијата на Слободни Синдикати (КСС) застана зад барањата на СОНК и со сите свои ресурси и логистика го поддржува генералниот штрајк на СОНК, се вели во соопштението на КСС.
„КСС цврсто застанува и ги поддржува вработените во дејноста образование и дејноста предучилишно згрижување и воспитание на деца и нивните барања за достоинство, праведност и почит кон трудот и да се започне со исплата на плати во согласност со законот и колективните договори“, се вели во соопштението.
Претседателот на СОНК Јаким Неделков вели дека одлуката за штрајк на градинките и школите, кој би требало да започне на 11 април, ќе трае сè додека не се исполнат нивните барања за усогласување на минималната плата со останатите плати во образовниот сектор.
Од КСС ги повикуваат и родителите да искажат силна солидарност кон, како што велат, вторите родители на нивните деца и одлучно да ги поддржат образовните работници да се изборат за статусот кој го заслужуваат.
„Ве повикуваме на 11-ти април сите заедно, ние, вие и родителите да го поддржиме генералниот штрајк и да покажеме единство и истрајност за почитување на вашата професија“, стои во соопштението на КСС.
Од Министерството за труд и социјална политика информираат дека сите предучилишни установи во деновите на најавениот штрајк, ќе згрижуваат и воспитуваат деца, како и досега.