Бројот на жртви од Краматорск порасна на 50

Расфрлени куфери по ракетниот напад врз железничката станица во Краматорск

Гувернерот на источниот украински регион Доњецк Павло Кириленко изјави дека бројот на загинати во ракетниот напад врз железничката станица во источниот град Краматорск порасна на 50, а меѓу настраданите има и пет деца. Тој рече дека 38 лица загинале на лице место, а уште 12 починале во болница.

Украински претставници рекоа дека на станицата имало околу 4000 луѓе, кое чекале евакуација од градот со воз кон запад во пресрет на очекуваната руска офанзива.

Украинската обвинителка Ирина Венедиктова рече дека нападот е злосторство против човештвото.

Десетици луѓе се повредени, а локалните болници се преполни со пациенти.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини руската војска дека намерно ја гаѓала локацијата на која имало само цивили.

Москва, пак, негира одговорност. Руската војска демантира дека испукала ракета кон железничката станица во Краматорск и го осуди нападот како провокација на силите во Киев.

„Ние посебно истакнуваме дека тактичките ракети Точка-У, чии остатоци беа пронајдени во околина на станицата во Краматорск и (чии слики) ги објавија очевидците, ги користат само украинските вооружени сили“, се додава во соопштението на руската војска.

Русија го започна нападот врз Украина на 24 февруари.