Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека протерува бугарски и полски дипломати како возвратна мерка откако Софија и Варшава минатиот месец протераа руски дипломати.
Русија прогласи двајца бугарски дипломати од амбасадата во Москва и 45 вработени во амбасадата и конзулатот на Полска за „персона нон грата“ како возвратна мерка за протерувањето ист број руски дипломати од двете земји.
„Оваа мерка е одговор на беспричинската одлука на бугарската страна од март оваа година да прогласи за „персона нон грата“ двајца дипломати од Руската амбасада во Софија“, соопшти денеска руското МНР.
Во друго соопштение, руското МНР го објави протерувањето на полските дипломати.
Полска во март соопшти дека протераните руски дипломати биле осомничени дека работат за руското разузнавање. Руското МНР остро протестираше против протерувањето кое може „целосно да ги уништи дипломатските односи“ меѓу двете земји.
На 2 март, Бугарија соопшти дека протерува двајца Руси поради „неовластени шпионски активности спротивни на нивниот дипломатски статус“.
Две недели подоцна, Софија објави дополнително протерување на уште 10 руски дипломати, велејќи дека тие вршат активности кои се сметаат за несоодветни со нивниот дипломатски статус.
Бугарската влада не даде повеќе детали за протерувањето, но по почетокот на руската инвазија врз Украина на 24 февруари, руската амбасадорка во Бугарија постојано дава контрадикторни изјави за позицијата на Бугарија за конфликтот.
Европските земји оваа недела почнаа нов бран на протерувања, при што на повеќе од 200 руски дипломати им беше наредено да заминат од земјите од Европа поради руската инвазија врз Украина.
Русија се закани дека ќе одговори на сличен начин.