Премиерот Димитар Ковачевски најави дека владата во најскоро време ќе започне постапка за избор на нов генерален секретар, откако Мухамед Зекири поднесе оставка откако против него беше отворена истрага за злоупотреба на службената положба. Во изјава за МИА, тој рече дека ја почитува одлуката на Зекири да се повлече од функцијата и оти тоа е акт на политичка одговорност.
„Очекувам целосно транспарентна и независна постапка од Обвинителството и судските органи и целосно почитување на презумпцијата на невиност. Владата во најскоро време ќе започне постапка за избор на нов генерален секретар“, изјави Ковачевски.
Оставката на Зекири уследи откако Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба „за спроведување истражна постапка против двајца хрватски државјани и висок функционер во Владата на РСМ во својство на службено лице, осомничен дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување“.
„Во периодот од месец април 2021 година до месец јануари 2022 година, со искористување на својата службена положба првоосомничениот без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани. Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, а на штета на Буџетот на Р.Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги“, се вели во соопштението на Обвинителството.“, се вели во соопштението на Обвинителството.
Обвинителката Вилма Рускоска денеска изјави дека предметот за истрагата за проневера која е покрената против Зекири и уште двајца хрватски државјани, Обвинителството го добило во втората половина на 2021 година.