Словачка ѝ донира противвоздушен систем С-300 на Украина

Советски противвоздушен систем С-300

Словачкиот премиер Едуард Хегер соопшти дека Словачка ѝ донирала на Украина советски противвоздушен систем С-300.

Тој ова го изјави денеска за време на посетата на Киев со високи претставници на ЕУ. Хегер треба да се сретне и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот претседател спомена токму ваков систем во видеообраќањето пред американските конгресмени минатиот месец, барајќи одбранбени системи кои ќе ѝ помогнат на Украина да го „затвори небото“ за руски авиони и ракети.

Членките на НАТО Бугарија, Словачка и Грција имаат системи С-300 кои може да истрелаат ракети на далечина од стотици километри и да соборуваат крстаречки ракети и воени авиони.

Словачка претходно соопшти дека е подготвена да ѝ го даде својот систем С-300 на Украина под услов да добие соодветна замена.

Русија ја нападна Украина на 24 февруари, по што западните земји воведоа жестоки санкции против Москва и обезбедуваат помош за Украина.