Велика Британија ги додаде ќерките на Владимир Путин на списокот на Руси кои се под санкции, дел од новиот пакет казни поради руската инвазија врз Украина.
Со овој потег се таргетира начинот на живот на оние кои се во блискиот круг на рускиот претседател. По руската инвазија врз Украина, Британија и другите западни сојузници најавија неколку бранови санкции насочени кон богатите елити на Москва, клучните индустрии и нивниот пристап до меѓународниот финансиски системи.
Британската влада при ажурирањето на листата со санкции најави замрзнување на имотот на ќерките на Путин, Екатерина Тихонова и Марија Воронцова, како и на Екатерина Винокурова, ќерката на министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Претходно тие беа санкционирани од САД.
„Нашиот пакет санкции ги погодува елитата и нивните семејства, додека ја деградира руската економија во размери што Русија не ги видела од падот на Советскиот Сојуз“, рече во изјавата министерката за надворешни работи Лиз Трус.
Велика Британија, исто така, рече дека нејзината анализа покажува дека Русија се движи кон најдлабоката рецесија од распадот на Советскиот Сојуз. Велика Британија проценува дека 60 отсто од руските девизни резерви се замрзнати како резултат на меѓународните санкции.