Јапонската влада соопшти дека ќе протера осум руски дипломати поради руската инвазијата врз Украина. Ова денеска го изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Хикарико Оно . За оваа одлука заменик-министерот за надворешни работи Такео Мори го известил рускиот амбасадор Михаил Галузин.
Европските земји протераа десетици руски дипломати поради војната на Москва против Украина.
Европа и Соединетите Држави, исто така, ги засилија санкциите против Русија, вклучително и ограничувања за увоз на јаглен, по откривањето на злосторствата врз цивилите во украинските градови.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида се очекува да објави дополнителни санкции против Русија во согласност со договорот на Г7- група на седум најразвиени индустриски развиени земји.
Мерките објавени во заедничкото соопштение на лидерите на Г-7 вклучуваат постепено укинување или забрана на увоз на руски јаглен и нафта. Јапонскиот министер за трговија Коичи Хагиуда рече дека Јапонија планира постепено да го намалува својата енергетска зависност од Русија.
Јапонија веќе воведе серија санкции, вклучително и замрзнување на имотот на највисоките руски функционери, како што е претседателот Владимир Путин, ограничување на извозот во Русија, вклучително и чувствителни стоки што се пренесуваат за воена употреба, и отстранување на клучните банки од меѓународниот систем за пораки.
Јапонија се обидува да преземе поголема улога во меѓународните напори против руската инвазија на Украина поради загриженоста на Токио за нејзиното влијание врз Источна Азија, каде што Кина презема сè понаметливи воени дејства.
Јапонија веќе се соочи со контрамерки од Русија. Москва неодамна објави прекин на разговорите за мировен договор со Токио, кои вклучуваат преговори за островите под контрола на Русија, кои Советскиот Сојуз ги одзеде од Јапонија на крајот на Втората светска војна.