Ексобар- Неопходно е забрзување на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски на средба со заменик-помошникот на државниот секретар на САД Габриел Ескобар

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски денеска на маргините на Економскиот форум Делфи во Грција се сретна со заменик-помошникот на државниот секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар. Во владиното соопштение е наведено дека на средбата тие разговарале за актуелната состојба во светски рамки, кризата предизвикана од воената агресија на Русија врз Украина, како и справувањето и ефикасниот одговор на мерките на Владата за енергетската криза.

Ескобар во разговорот со Ковачевски ја нагласил неопходноста од максимално забрзување на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ со почеток на пристапните преговори и ја потенцираше поддршката на САД за итно изнаоѓање заеднички прифатливи решенија за билатералните прашања со Република Бугарија, се вели во соопштението од владината прес служба.

Албанија ќе побара одвојување од Македонија на патот кон ЕУ

Во него се додава дека Ковачевски и Ескобар изразиле согласност дека нема време за губење и дека секое натамошно одлагање на тој процес предизвикува сериозни регионални последици, го поттикнува националистичкиот наратив со што се отвора вратата за зголемено влијание на трети страни.

Фон дер Лајен-Софија да помогне Скопје и Тирана да стартуваат преговори со ЕУ

На маргините на економскиот форум Ковачевски ќе се сретне и со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград – Приштина и за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, како и со косовскиот колега, Албин Курти, најави владината прес-служба. Дополнително, предвидени се средби и со поранешниот британски премиер Тони Блер и со поранешниот премиер на Грција и лидер на „Сириза“, Алексис Ципрас.

На Форумот се присутни и премиерите на Бугарија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора, со што и оваа година предвиден е посебен дел посветен на Западен Балкан. На седмиот „Делфи економскиот форум“ насловен „Нови Реалности“ потврдени се скоро 800 говорници од над 36 земји.