Песков призна дека руските загуби во Украина се „значителни“

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков во интервју за Sky News, призна дека војната е „огромна трагедија“ за Русија и дека „загубите се значителни“. Тој рече дека историјата на Украина се променила во 2014 година за време на, како што рече, „нелегалниот пуч“. „Украина стана антируска, сѐ што се случи во Украина потоа беше насочено против нашата земја“, рече Песков, додавајќи дека Русија „со децении била загрижена за сопствената безбедност“. Запрашан од новинарите дали војната се покажа како понижување за Русија со оглед на бројот на загинати војници, тој рече „Не, тоа е погрешна слика за тоа што се случува“. Но, тој веднаш призна: „Имаме значителна загуба на војници, тоа е голема трагедија за нас“.

Лага или вистина? Поделени реакции на Русите за убиствата во Буча

Новинарот на Sky News, Марк Остин, во врска со ужасните сцени на мртви цивили во Украина, кои продолжуваат да предизвикуваат бес во светот, го прашува Песков: „Како спиеш ноќе?“ Песков рече: „Не станува збор за мојот кошмар. Станува збор за украинската армија која се обидува да ги искористи цивилите како штит. Тие се покриваат со цивили и не им дозволуваат да избегаат од градот“. Песков тврди дека од почетокот на руската војна со Украина, силите на Кремљ „никогаш не гранатирале цивилни објекти“. „Тие само целеа и користеа ракети со висока прецизност за да ја нападнат воената инфраструктура на Украина“, додаде тој. Песков ги опиша сцените со загинатите цивили како „трагедија“ и изрази надеж дека Русија ќе ги постигне своите цели или ќе дојде до преговори во наредните денови.

Обединетите нации ја исклучија Русија од Советот за човекови права

Обединетите нации вчера одлучија Русија да биде исклучена од Советот за човекови права на ОН поради извештаите за злосторства извршени на окупираните територии на Украина. Резолуцијата беше предложена од САД откако се појавија докази за убиства на цивили во киевското предградие Буча. Г7 побара Русија да биде суспендирана поради „грозоморни дела и злосторства“ во Украина.