Обединетите нации одлучија Русија да биде исклучена од Советот за човекови права на ОН (УНХРЦ) поради извештаите за злосторства извршени на окупираните територии на Украина.
Одлуката беше донесена со 93 гласа за, 24 против и 58 воздржани.
Резолуцијата беше иницирана од САД откако се појавија докази за убиства на цивили во киевското предградие Буча.
Земјите членки на Г7 (Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Обединетото Кралство и Соединетите Држави) во соопштението порачаа дека е „време да се суспендира“ Русија од овој Совет.
Руската мисија во ОН во Њујорк пак ги повика земјите „да се изјаснат против антируската резолуција“.
Во изјава за новинската агенција Тасс, шефот на руската мисија во ОН рече: „Доколку резолуцијата биде усвоена, Западот ќе може слободно да им ги наметне на другите земји концептите и својата визија за човекови права што им одговараат на нив и на нивните западни соучесници. "
Претходно амбасадорот на Украина во Обединетите Нации ги повика членките да ја суспендираат Русија од водечкото тело за човекови права на светската организација, потенцирајќи дека Русија извршила „ужасни прекршувања на човековите права и злоупотреби кои би биле поистоветени со воени злосторства и злосторства против човештвото“, додека пак заменик рускиот амбасадор во ОН Генадиј Кузмин ги повика членките да гласаат против.
„Она што го гледаме денес е обид на САД да ја задржат својата доминантна позиција и целосна контрола“, рече тој. „Ги отфрламе невистините наводи против нас, засновани на монтирани настани и широко распространети фалсификати, рече тој.