Русија го отфрли нацрт-мировниот договор на Украина

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека нацрт-мировниот договор што Киев и го предложил на Москва содржи „неприфатливи елементи“, но дека Русија ќе продолжи со преговорите и ќе работи на исполнување на сопствените безбедносни барања.

Лавров рече дека Украина во средата претставила нацрт-договор кој отстапува од предлозите договорени од преговарачите на двете страни, пренесува Ројтерс.

Според него, во новиот украински нацрт се наведува дека на средбата на претседателите на двете земји треба да се постави прашањето за статусот на Крим, кој Москва го анектираше во 2014 година.

Исто така, како што тврди Лавров, се наведува дека Украина би можела да одржува воени вежби со странски држави без да добие дозвола од Русија, со што Москва не се согласува.

Мировните преговори Москва-Киев не напредуваат толку брзо како што би сакале, додаде Лавров, обвинувајќи го Западот дека се обидува да влијае со привлекување внимание на „наводните воени злосторства“ за кои Москва ја негира одговорноста.

„Оваа неможност повторно да се постигне договор ги покажува вистинските намери на Киев да се повлече од договорот и да ги уништи преговорите бидејќи се повлекува од договорот“, рече Лавров, додавајќи дека предлозите на Киев се „неприфатливи“.

Украинските власти се уште не ја коментираат изјавата на рускиот министер за надворешни работи. Киев нагласува дека се потребни преговори, но и постојано порачува дека нема да се откаже од својот суверенитет и територијален интегритет.

Сепак, Русија ќе продолжи со преговорите и ќе се обиде да обезбеди спроведување на нејзините барања, рече Лавров.

„И покрај сите провокации, руската делегација ќе го продолжи преговарачкиот процес и својот нацрт-договор, во кој јасно се наведени нашите клучни позиции и нашите барања“, рече тој.

На 24-ти февруари Русија испрати десетици илјади војници да ја нападнат Украина, што ја нарекува „специјална воена операција“.

Меѓутоа, на терен, руската армија се соочува со силен отпор од Украинците, а Западот одговори на инвазијата со опсежни санкции против руското раководство и економија.