Албанија ќе побара од Европската унија да ја продолжи кандидатурата за членство одвоено од нејзиниот сосед Северна Македонија, која продолжува да се соочува со бугарско вето, изјави во Тирана албанскиот премиер Еди Рама.
Тој додаде и дека не е оптимист оти Бугарија наскоро ќе го укине своето вето за Скопје.
„Албанија не може повеќе да чека додека двајцата соседи не ја решат својата кавга“, рече Рама, додавајќи дека Албанија има добри односи со двете држави.
Рама ги даде овие коментари при претставувањето на националното истражување кое покажа дека 67 отсто сакаат патот на членството на двете земји да го одат посебно.
Македонија и Албанија требаше во пакет да ги почнат преговорите за влез во Унијата кон крајот на 2020 година, но Бугарија ја блокираше Македонија при овој процес поради несогласувањата околу историјата и јазикот. Блокадата на Македонија, доведе и до блокада на преговорите за Албанија.